Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ и претседателот на Управниот одбор на кинеската компанија CRRC, Лиу Чанчинг денеска потпишаа Протокол за разбирање и соработка за набавка на девет нови електрични возови за брзини на 120 километри на час, јави дописникот на МИА од Белград.

По потпишувањето на документот во Владата на Србија, Весиќ рече дека набавката на возови била насочена кон модернизирање на возниот парк на Србјавоз за потребите на сообраќајот на идната линија Земун поле-аеродром „Никола Тесла“-национален стадион и поврзување на центарот на Белград и околните населени места со специјализираната изложба EXPO 2027 .

Тој објасни дека овие возови ќе се произведуваат во фабриката CRRC (Changchun Railway Vehicles) во Кина и треба да бидат испорачани најдоцна до 31 декември 2026 година.

Според него, новите електрични возови, кои ќе бидат прилагодени на сите стандарди на ЕУ, ќе покажат нов квалитет на транспортот во Белград.

-Ресорното министерство препозна дека CRRC е една од водечките светски компании во производството на локомотиви, автомобили, електрични и дизел мотори и други шински возила како за кинескиот така и за другиот пазар, и сакаше нивното големо искуство да го искористи и во Србија, изјави Весиќ.

Тој додаде дека Србија е подготвена да ја искористи нивната голема експертиза во транспортниот сектор и да обезбеди соодветен трансфер на знаење за поддршка на локалниот развој, вклучително и подобрување на железничкиот транспорт во Србија и поврзаните индустрии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.