Денешната редовна седница на бугарското Народно собрание ќе почне со процедура за избор на нов претседател, јави дописникот на МИА од Софија.

По изгласаната смена на Никола Минчев, функцијата ја презеде Мирослав Иванов. Можно е најголемата партија во Народното собрание „Промените продолжуваат“ повторно да го предложи Минчев за шеф на парламентот.

Ива Митева од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ е второто име што се споменува за оваа функција, иако таа изјави дека одбила да биде номинирана во оваа сложена политичка ситуација во Бугарија.

На вонредна седница вечерва во 19 часот и 10 минути пратениците треба да гласаат за барањето недоверба на владата на Кирил Петков.

И денеска во парламентарната комисија за надворешна политика на бугарскиот Парламент во 15 часот треба да се одржи состанок на кој ќе се разгледа предлогот на француското претседателство со ЕУ за одобрување на преговарачката рамка за Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.