Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој денеска престојуваше во Тирана, рече дека Европската Унија работи напорно за да ги убеди Бугарија и Македонија да го решат спорот и да го отворат патот за пристапни преговори со ЕУ за Скопје и Тирана.
Тој напомена дека „наша цел е оваа работа да заврши за време на француското претседавање“ и доколку е потребно тој секојдневно ќе оди во Скопје и Софија.
– Мора да почнеме со вистинска интеграција на терен. Доцнењето на Брисел за отпочнување на разговорите за членство во ЕУ со владите на Тирана и Скопје ја доведува во прашање безбедноста и довербата во Унијата, рече тој на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, нагласувајќи оти е потребно воспоставување стабилност на Западен Балкан.
Во објава на Твитер, пак, Вархеји напиша дека е „крајно време е да го исполниме нашето ветување и да ја одржиме првата меѓувладина конференција што е можно поскоро“.
Албанскиот премиер Рама, од своја страна, истакна дека во моментов Тирана нема да се дели од Скопје на патот кон Унијата, но доколку не почнат преговорите во јуни, Албанија ќе побара одвојување.
Еврокомесарот Вархеји го поздрави, како што рече, трпението на Албанија, барајќи да биде трпелива уште некое време.
Вархеји во Тирана допатува од Скопје, каде што вчера порача дека местото на Македонија е во ЕУ. Тој нагласи дека прашањето за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија да се реши до крајот на франуцското претседателство во јуни, оти нема време за губење и процесот треба да се забрза
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.