По целосниот колапс на неделните локални избори, вршителот на должноста претседател на опозициската Демократска партија, Енкелеј Алибеај, доцна попладнево објави дека се повлекува од раководењето на партијата.

Во исто време се повлече и од функцијата координатор на пратеничката група во законодавниот дом.

– Лидер сум на Демократската партија повеќе од една година. Во нејзиното најтешко време, кога беше доведен во прашање опстанокот на партијата која донесе плурализам во Албанија. Опстанокот на албанската десничарска партија. Опстанок на западната и евроатлантската партија. Бројките покажуваат дека Демократската партија успеа да го надмине овој предизвик, успеа да опстане и сега може да гледа кон иднината,  рече Алибеај.

Додаде дека  во знак на рефлексија и одговорност одлучил да го напушти раководството на партијата и лидерската позиција во пратеничката група но оти останува во партијата како потпретседател.

Резултатот од локалните избори, рече тој, треба да се искористи добро да се размисли, а  потребата за реорганизација на партијата е повеќе од неопходна.

На неделните избори Демократите не освоија ниту едно градоначалнички место.

Инаку Алибеај дојде на чело на партијата во март минатата година по откако се повлече Љуљзим Баша, кој на лидерското место беше од 2013 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.