Високи функционери од Демократската партија на социјалистите на Црна Гора (ДПС), чиј лидер е претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, ги повикуваат граѓаните да се приклучат на протестот планиран за утре пред зградата на Парламентот. Повикот за протест денеска на Твитер го споделија членовите на Претседателството на ДПС Јевто Ераковиќ и Иван Вуковиќ.

„Време е граѓанската, мултиетничка, европска Црна Гора повторно да крене глава против оние кои ја туркаат нашата земја и општество во бездна. Да го одбраниме националното достоинство, за нормален живот, за европската иднина. Сите пред собранието во вторник мирно и демократски“, напиша Вуковиќ на Твитер.

Ераковиќ, кој е и пратеник од ДПС, најголемата опозициска партија во Црна Гора, на Твитер повика на мирен, достоинствен протест „против колапсот, за одбрана на државата и за Црна Гора во ЕУ“. Протестот под слоганот „Нè има“ ќе почне во 18 часот. Тие посочуваат дека протестот се одржува поради „рушење на нормите утврдени со Уставот“, и за да побараат одржување вонредни парламентарни избори, како и „повлекување од процедура на предлогот на Законот за Претседател“.

Измените на законот беа предложени од Демократскиот фронт (ДФ), а поддржани од Демократите и Граѓанското движење УРА, на премиерот во техничкиот мандат Дритан Абазовиќ, а откако Ѓукановиќ одби да го поддржи нивниот кандидат за мандатар – пратеникот и долгогодишен дипломат Миодраг Лекиќ.

Според Уставот на Црна Гора, претседателот на државата има ексклузивно овластување да предложи мандатар за состав на новата влада. Со овие измени парламентарното мнозинство сака тој процес да го префрли во собрание и да го отвори патот на Лекиќ за состав на нова влада, откако Абазовиќ во август ја загуби поддршката од мнозинството.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.