Најмалку 16 полицајци се уапсени во вторникот во БиХ, како дел од истрагата за корупција во полициските структури, потврди во текот на денот Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојската жупанија.

Во рација спроведена по судски наредби, приведени се полициски службеници кои биле на смена во Какањ, кај Зеница.

Евледин Фишек, портпарол на окружниот МУП, потврди за локалните медиуми дека истрагата опфатила вкупно 20 лица, од кои 16 се полицајци. Во рацијата беа претресени дваесетина објекти што ги користеа осомничените, меѓу кои и полициската станица во Какањ.

Фишек за агенцијата Фена потврдил дека еден осомничен е во бегство и се трага по него.

Приведените се товарат за здружување за сторени кривични дела, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп, како и за поврзување или директно учество во трговија со дрога.

Во акцијата за апсење беа вклучени и членови на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), а сите уапсени ќе бидат предадени на окружното обвинителство за понатамошна истрага.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.