Јамарбер Малтези, зетот на поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој претходно ја извршуваше функцијата шеф на Одделот за животна средина во Демократската партија, уапсен е вечерва на меѓународниот аеродром во Тирана, јави Топ чанел.
-Полицијата го уапсила во моментот кога тој пристигнал на аеродромот со цел да патува надвор од земјата. Апсењето е по наредба на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, додава телевизијата.
Единственото досие со кое се поврзува неговото име и за кое е пријавен во СПАК е она за приватизацијата на поранешниот спортски клуб „Партизани“.
Тужбата во СПАК за ова досие ја покрена министерот за внатрешни работи Таулант Бала во времето кога беше координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Освен него тој го обвини и Бериша и тогашниот министер за одбрана Арбен Имами.
Истрагата на СПАК траеше две години.
-Тогаш Малтези беше повикан во СПАК и на распит за овој случај, додека се чини дека Специјалното обвинителство нашло доволно докази за да го уапси зетот на поранешниот премиер, кој смета дека е еден од главните сопственици на зградите кои ги избришаа трагите од комплексот Партизани, посочува телевизијата.
Во врска со ова прашање, на Бериша му е одредна безбедносна мерка „Задолжително јавување“ а му е одземен и пасошот. Се товари за пасивна корупција, перење пари и прикривање имот.
Инаку, станува збор за имот од околу 10.000 м2, во центарот на Тирана кој е приватизиран во 2008 година за 100.000 долари, што, констатира телевизијата, е помала од вредноста на гарсоњера продадена на тој простор.
Спортскиот клуб „Партизани“ беше најважниот спортски комплекс во сопственост на Министерството за одбрана, недалеку од центарот на Тирана, каде денеска се подигнати 17 повеќекатници.
Во мај пред две години поради вмешаност во корупција, САД ги прогласи за непожелни Бериша и неговото семејство.
(МИА)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.