Во четвртокот, црногорската влада донесе одлука за ограничување на трговските маржи за повеќе од 500 артикли во големите супермаркети, додека малите продавници не подлежат на оваа одлука.
Одлуката ќе стапи на сила на почетокот на април а ќе важи до крајот на мај, кога се очекува да започне летната туристичка сезона.
Како што изјави премиерот Милојко Спајиќ по состанокот на црногорската влада, целта на оваа одлука е да се намали инфлацискиот притисок врз граѓаните, бидејќи, како што рече, инфлацијата во Црна Гора е „увозена инфлација“.
„Со ова не само што се запира поскапувањето, туку и се намалуваат цените на 500 артикли кои се најсуштински за животот на граѓаните на Црна Гора“, рече Спајиќ.
Пред да ја донесе оваа одлука, црногорскиот премиер имаше средби со претставниците на Стопанската комора на Црна Гора, при што беше договорено оваа акција да не се спроведува во мали продавници и трговски синџири чии капацитети во Црна Гора не ја надминуваат површината на 600 квадратни метри.
Инфлацијата во Црна Гора во 2023 година изнесувала 8,6 отсто. Просечната плата во Црна Гора е 814 евра, а минималната 450 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.