Србија доби систем за итно известување на јавноста, што треба да помогне во пронаоѓање на исчезнатите деца, осум години по покренувањето на иницијативата за негово воведување.

Системот „Пронајди ме“ е направен по моделот на Amber alert, американскиот систем за пронаоѓање деца, кој постои од 1996 година, а слични системи се воведени во многу земји, и според статистичките податоци, тие се ефективни во 90 проценти од случаите.

Ако овој систем помогне да се најде само едно дете, целиот ангажман на државата и парите се исплателе повеќекратно. Животот на секое дете е поважен од што било друго. Звучи како флоскула, но тоа е вистина, рече Александар Вучиќ, претседателот на Србија, кој официјално го промовираше новиот систем.

Во Србија во последните две години се распишани речиси 3.889 потраги по исчезнати деца, од кои 3.859 се прекинати затоа што не станувало збор за кривично дело.

Фондацијата „Тијана Јуриќ“ апелираше за воведување на ваков систем во 2015 година, пишува Би-Би-Си на српски јазик.

Горд сум што можам да истакнам дека ова е прв ваков систем во регионот, изјави денеска Игор Јуриќ, директор на Фондацијата, која го носи името на неговата киднапирана и убиена ќерка Тијана.

Девојчето исчезна во 2014 година, кога имаше неполни 15 години, а нејзиното тело беше пронајдено 12 дена подоцна.

Според податоците на оваа Фондација, секоја година во Србија се пријавуваат за исчезнати меѓу 1.300 и 1.500 деца.

Но, не во сите случаи станува збор за киднапирање, туку причините за исчезнувањето се различни, па во најголем број случаи се случува детето самоиницијативно да побегне од домот или установата каде што престојува.

На воспоставувањето на системот соработуваат српските министерства за внатрешни работи, за информации и телекомуникации и за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Системот ќе функционира на начин што исчезнувањето на малолетниците го пријавуваат родителите или старателите, а одлуката за активирање на системот ја носи Министерството за внатрешни работи. Системот нема да се активира за секое дете чие исчезнување е пријавено, туку само кога постои сомневање дека е жртва на кривично дело.

Нема да се активира и ако се процени дека објавувањето на информации за детето може да ја загрози безбедноста на детето и да ја попречи работата на полицијата, нагласи српскиот министер за полиција Братислав Гашиќ на презентацијата на системот.

Задолжително ќе се активира во случаи на исчезнување на деца до седум години, како и деца со пречки во развојот до 18 години.

Во случај на активирање на системот за исчезнување на малолетно дете, граѓаните ќе бидат известени со СМС порака, ќе се запрат телевизиските и радио преноси заради известувањето, а информацијата ќе се објави и на автопати, аеродроми, автобуски и железнички станици.

Доколку имаат информации за детето, граѓаните ќе можат да пријават во полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.