Печатот и логото на најголемата опозициска сила, Демократската партија, му припаѓаат на крилото на Сали Бериша „Иницијатива за обнова на ДП“, одлучи Апелацискиот суд во Тирана, по ова прашање кое повеќе од две години ја мачи партијата, која ја преживува најдлабоката криза до сега.

Во судскиот регистар како лидер на партијата фигурира Љуљзим Баша, кој со партиското лого и печат учествуваше на последните локални избори во мај минатата година.

Крилото на Бериша, кое е побројно, на изборите учествуваше со свои кандидати, но под логото на Партијата на слободата, на Илир Мета. Во парламентот пак, партијата има 56 пратеници, но дури 47 се приврзаници на Бериша.

Во седиштето на партијата, кое го користат приврзаниците на Бериша, наголемо се слави, порачувајќи дека „ураганот на слободата не запира“.

Привремениот лидер на крилото Фламур Нока, во првата изјава по соопштување на одлуката, за која рече дека е конечна, оцени дека „ова е одлука која радува, ден на вистината“ и повика на обединување на демократите.

Реагираше и Бериша, кој е осомничен за корпција и е во домашен притвор од декември минатата година, на социјалните мрежи напиша „денеска не победи Бериша, туку демократијата. Губитник е Рама“.

На одлуката на судот реагираше и Мета, кој на социјалните мрежи напиша „Бериша самиот е печат, браво за демократите и опозицијата“.

Засега нема рекација од Баша, освен, како што пренесуваат медиумите свикал седница на раководството на партијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.