мериканскиот Стејт департмент денеска соопшти дека не поддржува никакви промени на сегашниот статус на мостот во Митровица на Ибар, додека КФОР повтори дека секоја одлука за мостот мора да се реши со дијалог, јави дописникот на МИА од Белград.

САД во овој момент не поддржуваат никакви потези за промена на сегашниот статус на мостот во Митровица.

Отворањето на мостот за сообраќај на возила во моментов го зголемува потенцијалот за насилство и го загрозува локалното население, како и војниците на КФОР, вклучително и Американците, кои работи на поддршка на мирот и безбедноста на Косово, изјави портпаролот на Стејт департментот за порталот „Павловиќ тудеј“.

Тој ја повика Владата на Косово да се воздржи од еднострани дејствија и наместо тоа да се занимава со ова прашање во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ.

Стејт департментот нагласи дека на ист став се и партнерите од Квинта, како и ЕУ и НАТО.

Според соопштението на Стејт департментот, целта е „да се работи со Владата на Косово за да се создадат услови под кои мостот би можел да биде отворен за сообраќај на возила“.

Во тој поглед, САД ја повикуваат Владата на Косово да се врати на блискиот и конструктивен ангажман со САД и другите меѓународни партнери, се наведува во соопштението.

Се огласи и мисијата на КФОР која соопшти дека има постојано присуство на главниот мост на реката Ибар во Митровица и дека врши редовни патроли во областа и дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар мора да биде донесена преку политички дијалог и на координиран начин и дека во оваа смисла продолжува целосно да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

КФОР, исто така, наведува дека има видливо и флексибилно присуство низ Косово и дека командантот на КФОР има овластување да го адаптира по потреба и нема да се двоуми да реагира на секој релевантен безбедносен развој и во согласност со мандатот на ОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.