Српскиот министер за економија Раде Баста ја разбранува српската политичка јавност со предлог Србија да воведе санкции кон Русија, што е прва отворена изјава за санкции на владин претставник по инвазијата на Украина и отстапување од официјалната позиција на Белград.

Во соопштението за медиумите, министерот оцени дека Србија „веќе плаќа висока цена затоа што не воведува санкции против Русија“ и дека „ова станува неодржливо“, а неговата најава предизвика оградување на Единствена Србија (ЈС), од чија коалициска листа влезе во Владата на Ана Брнабиќ, и барања од коалициските партнери тој да поднесе оставка.

„Нашата земја веќе плаќа висока цена поради невоведувањето санкции на Русија и тоа станува неиздржливо. Јас како министер за стопанство гледам колкав притисок се врши врз претседателот на Србија Александар Вучиќ, а не можам да прифатам ние да молчиме. Затоа сум за воведување санкции против Русија, стојам со претседателот Вучиќ во одбраната на државните и националните интереси и имам апсолутна доверба во него. Затоа од владата на Србија и сите министри барам да се изјаснат по ова прашање“, напиша Баста.

Потсети дека и Србија низ историјата била соочена со санкции и дека народот трпел тешки економски последици. Тврди дека токму од тие причини Србија сè уште не ѝ вовела санкции на Русија и дека се надевале дека ќе „надвладее разумот и дека двете страни ќе седнат на преговарачка маса“.

„За жал, со текот на времето соочени сме со една нова реалност. На конфликтот не му се гледа крајот, а разум како да снемало. Во конфликтот на големите секогаш страдаат малите држави и среде глобалните превирања Србија е соочена со страшни притисоци“, предупреди Баста.

„Од почетокот на војната ја осудуваме руската агресија на Украина, но истовремено ги штитиме националните интереси во односите со Руската Федерација. Поради тоа не се придруживме на првиот бран земји кои воведоа санкции на земјата агресор. Сепак, ситуацијата со секој ден повеќе се комплицира, а западните земји остро ѝ замеруваат на Србија за тоа што не се приклучува на санкциите“, додаде српскиот министер.

Оцени дека српската власт на чело со Вучиќ ќе направи се за да ги зачува мирот и стабилноста.

„Економијата е клучна за Србија и затоа како министер за стопанство укажувам дека и покрај тешката надворешнополитичка ситуација мораме да го зачуваме економскиот раст и да се бориме нашите граѓани подобро да живеат. Србија има своја сериозна, одговорна и самостојна политика и ќе продолжи да ги штити своите граѓани“, заклучи Баста.

Единствена Србија е дел од коалицијата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) предводена од шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, која веќе неколку изборни циклуси е во коалиција со Српската напредна партија (СНС) на актуелниот шеф на државата, Александар Вучиќ.

На сугестијата на Баста прва реагираше неговата партија ЕС, посочувајќи дека тоа е негова „лична позиција“, а не на партијата чиј член е и дека таа е „против воведување санкции за кого и да е“ и дека решението за војната во Украина „треба да е на преговарачка маса“.

Движењето на социјалистите (ПС) на Александар Вулин, исто така член на владејачката коалиција, побара Баста да поднесе оставка затоа што сака Србија да се приклучи на „незаконските санкции против Руската Федерација“.

Српскиот претседател Вучиќ одбива да се приклучи кон санкциите против Русија, но на почетокот на февруари, о текот на дискисијата за ситуацијта во поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија, на претениците им порача дека „најверојатно ќе мора да воведат санкции“ против Русија, додавајќи дека тој со тоа „не е одушевен“, но дека Белград „веќе ја плаќа цената“ што тоа не го сторил порано.

Кремљ на тоа реагираше наведувајќи дека „разбира оти раководството на Србија е под невиден притисок од Западот“ и дека „ја цени позицијата на претседателот Александар Вучиќ, надевајќи се на натамошно подобрување на односите меѓу двете земји.

СНС на Вучиќ засега не го коментираше предлогот на српскиот министер за економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.