Потпретседателот на Српската листа на Косово, Игор Симиќ, денеска изјави дека српската заедница на северот на Косово ќе пружи отпор од 1 јуни и додаде дека овој рок е даден доколку Приштина и меѓународната заедница не влијаат на престанок на репресијата врз Србите, што е резултат на институционално насилство, јави дописникот на МИА од Белград.

Народот не може да го толерира режимот на Албин Курти. Даваме рок до 1 јуни да се престане репресијата над народот и одземањето на земјиштето и лажната експропријација, со апсења и лажни обвиненија. Да престане прогонот, бидејќи низ казаматите на Косово има невини Срби. Да се престане со негирање на основните права како лекување и образование. Доколку овие акции продолжат, на 1 јуни ќе уследи одговор на српскиот народ, со сите средства – изјави Симиќ.

Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, по заклетвата на новиот градоначалник на Северна Митровица изјави дека благодарение на натчовечките напори успеале да го зачуваат мирот и да го задржат народот да не реагира на провокациите на режимот на Албин Курти.

Покажавме дека и кога се одржаа лажните избори, па и денес, мирот е натчовечки зачуван, посочи тој и додаде дека не гледа дека некој друг е подготвен да го зачува мирот, „особено не во Приштина“. Со сите средства ќе го браниме правото на Србите да останат во нивните огништа – рече Ракиќ.

Ова е крајниот рок, додаде тој, за режимот на Албин Курти, претставниците на Квинта и меѓународната заедница.

Потсетуваме дека денеска Ерден Атиќ (Атик) положи заклетва како нов градоначалник на Северна Митровица, со што и официјално го означи почетокот на неговиот мандат.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, поради ситуацијата на Косово, ги одложи за денеска сите закажани активности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.