Граѓаните на Србија утре на изборите ќе одлучат дали Александар Вучиќ вторпат ќе го добие претседателски мандат, со колкав број на претеници ќе влезе опозицијата во Собранието и дали ќе успее да победи во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
Утре од седум до 20 часот, 6.501.689 запишани избирачи на 8.255 избирачки места ќе ја одлучуваат судбината на Србија во наредните четири години, со економските и политичките предизвици, што ќе имаат влијание на целиот регион.
За претседателскиот мандат има осум кандидати – актуелниот претседател Александар Вучиќ, Здравко Понош, Милош Јовановиќ, Бошко Обрадовиќ, Миша Вациќ и три дами – Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, Билјана Стојковиќ и Бранка Стаменковиќ. Според анкетите најголеми шанси за победа има актуелниот претседател и лидер на СНС Александар Вучиќ, за разлика од кандидатот на опозициската коалиција Обединета Србија, Здравко Понош. Самиот Вучиќ најави дека очекува над 60 отсто од гласовите, сè останато би било неуспех, особено одржувањето на вториот круг на претседателски избори.
На парламентарните избори, според пропорционалниот систем, за Народното собрание на Република Србија се избираат 250 пратеници. Според важечкиот Изборен закон, Република Србија претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распределуваат пропорционално на бројот на освоени гласови. Политичките партии на националните малцинства при распределбата на мандатите, кои доколку не го надминат изборниот праг од три отсто, подлежат на „природен праг“, кој се добива кога бројот на важечки гласови ќе се подели со 250 пратеници за секое место, што во зависност од излезноста на изборите, претставува меѓу 12.000 и 16.000 гласови.
На гласањето за влез во Собранието во трка се 19 коалиции и листи. По бојкотот на изборите пред две години опозицијата настапува со повеќе изборни листи, од кои за влез во собранието најмногу шанси има коалицијата Обединета Србија на партиите на Драган Ѓилас, Вук Јеремиќ и ДС на Зоран Лутовац. Останатите ќе се борат за изборниот цензус од три отсто.
Според анкетите се очекува победа на „напредњаците“ на Вучиќ, влез во Собранието и на СПС на Ивица Дачиќ, кој настапува одделно на изборите и за кого процентот на гласови е значаен, заради добивање подобри позиции во идната коалиција со Вучиќ, поради што настапува под слоганот Дачиќ – иден премиер на Србија.
Српска напредна партија (СНС) оди под слоганот „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“. Изборната листа на СНС ја предводи докторката Даница Грујичиќ, кандидат за претседател е лидерот на партијата Александар Вучиќ, додека за градоначалник на Белград е кандидиран Александар Шапиќ.
Втората владејачка партија, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ, оди под називот „Ивица Дачиќ – премиер на Србија – Тома Фила градоначалник на Белград“. Кандидат за градоначалник на Белград е познатиот адвокат со македонско потекло Тома Фила, додека за претседателски мандат ќе го поддржат Александар Вучиќ.
Од опозицијата своја изборна листа поднесе коалицијата Обединетата Србија, која ја сочинуваат – Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Павле Грбовиќ, Движењето запресврт на Јанко Веселиновиќ, синдикатот Слога на Жељко Веселиновиќ, Демократскиот сојуз на Унгарците од Војводина, Странката на Македонците на Србија, Движењето Слободна Србија и Влашката партија. Листата на оваа коалиција носи наслов „Мариника Тепиќ – Обединети за победа на Србија“, а ќе настапува под слоганот „За коренити промени“, со претседателскиот кандидат Здравко Понош и кандидатот за градоначалник на Белград Владета Јанковиќ.
Од останатите опозициски партии, коалицијата со слоганот „Ајде луѓе“ ја предводи лидерот на Социјалдемократската партија (СДС) и поранешен српски претседател Борис Тадиќ.
На изборите ќе земат учество и опозициските коалиции „Мораме“, која ја сочинуваат „Да не го давиме Белград“, граѓанската платформа „Акција“ и Еколошкото востание на Александар Јовановиќ Чута, поддржана од голем број интелектуаци, како и коалицијата „Суверенисти“ на партиите Доста беше (ДЈБ) на Саша Радуловиќ, Здрава Србија на Милан Стаматовиќ и движењето „Живеам за Србија“.
Изборна листи за Парламентот поднесе и Српската радикална партија на Воислав Шешељ под слоганот „Шешељ за премиер“, додека за претседателски мандат ќе го поддржат кандидатот на СНС, Вучиќ.
Од од другите партии на десницата, заедничката парламентарна листа поднесоа и Патриотскиот фронт во кој се Двери и фракција на Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС) на Жика Гојковиќ, со претседателски кандидат на коалицијата, лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ, потоа партијата Заветници, со носител на листата Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и Коалицијата НАДА сочинета од фракција на Движењето за обнова на Кралството Србија (ПОКС), Демократската партија на Србија (ДСС) и 25 здруженија на граѓани. Прв на листата на кандидати на НАДА ќе биде генералот Божидар Делиќ, а втор ќе бидат внукот на четничкиот командант Драгољуб Михаиловиќ, Воислав Михаиловиќ, а лидерот на ДСС, Милош Јовановиќ е претседателски кандидат.
Свои изборни листи имаат и Бошњачката граѓанска партија – Партија на Црногорците, Алтернатива за промени – Албанска демократска алтернатива, Коалиција на Албанците од Прешевската долина, Киднапирани бебиња – Ана Пејиќ, Ромската партија Срѓан Шаин и Алијансата на руското малцинство – Милена Павловиќ, Павле Бихали Гаврин Српско-руско движење, Српско-руска партија Волци, Движење на Грчките Срби.
Очекувањата се дека најнеизвесно ќе биде на изборите за град Белград, каде покрај Александар Шапиќ од владејачката СНС, се и опозиционерот Владета Јанаковиќ и Тома Фила од партијата на Дачиќ, кој јавно кажува дека Македонците за прв пат ќе имаат шанса да имаат Македонец за градоначалник на Белград.
Изборите се одржуваа утре од седум до 20 часот, а Републичката изборна комисија е должна најдоцна до 7 април до 20 часот да ги објави официјалните резултати од изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.