Вицепремиерката на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, денеска во Тирана изјави дека министрите од Македонија и Албанија ја прифатиле иницијативата на Србија за формирање заедничка работна група за соработка во енергетската криза и за стратешки проекти, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа рече дека за енергетска безбедност на регионот во кризни услови потребна е солидарност, поврзаност и заедничка работа на стратешки проекти.
-Сите ние во регионот сме под голем притисок да се осигураме дека се ќе биде доволно за зимата, но важно е, покрај решавањето на тековните проблеми со снабдувањето, да разговараме и за стратешки проекти и потенцијални заеднички инвестиции, кои ќе го направат целиот регион енергетски постабилен. Треба на двете патеки да работиме истовремено. Сите ние имаме одредени компаративни предности, одредени недостатоци и потреба да се обезбеди долгорочна енергетска стабилност. Нашиот предлог беше да се формира заедничка работна група на Србија, Македонија и Албанија, која ќе се занимава со решавање на проблемите оваа зима, но и со потенцијална соработка на големи стратешки проекти и драго ми е што другите министри го прифатија овој предлог, рече Михајловиќ која зборуваше на панелот за енергетска безбедност на состанокот на Групата за ублажување на кризи во рамките на иницијативата Отворен Балкан во Тирана, соопштија од нејзиниот кабинет.
Таа изјави дека нема причина да не се разговара само за поврзување на пазарите, туку и за заедничко балансирање, што е неопходно во сите земји од регионот.
-Албанија е доста зависна од обновливи изворина енергија (ОИЕ) и во моментот кога има проблем со ОИЕ треба да има базна енергија и ова прашање е важно и за Србија и за Македонија, рече Михајловиќ.
Очекувам, додаде, од следната недела да почнеме да работиме во рамките на работната група и на претседателите и премиерите на нашите земји да им презентираме предлози за заеднички инвестиции, без разлика дали се работи за соларни електрани, ветерни електрани, заеднички балансирање, пазарно поврзување, гасни интерконекции или можеби дури и подземни складишта за гас.
Таа нагласи дека не е доволно само една земја да биде енергетски сигурна, туку потребно е меѓусебно да си помагаме, да бидеме солидарни бидејќи никој не знае точно каква ќе биде состојбата зимава.
-Србија донесе нови закони во областа на енергетиката, најголем дел од подзаконските акти, при крај е со изработката на стратешките документи и има нов инвестициски план. Во тек е изградба на гасна интерконекција со Бугарија, која ќе овозможи диверзификација на изворите на снабдување, а планираме да се поврземе и со другите соседи, пред се со Македонија и Романија. Заинтересирани сме и за можностите за подобра соработка и поврзување со Албанија, кога станува збор за планираниот терминал за ЛНГ, како и за подобро поврзување во регионот кога станува збор за високонапонската мрежа. Сите овие меѓусебни врски ќе овозможат поголема енергетска стабилност не само за Србија, туку и за регионот, рече Михајловиќ.
На панелот на кој учествуваа ресорните министри од Албанија, Србија и Македонија разговарано е за актуелната состојба во енергетскиот сектор во сите три земји, како и можностите да се придонесе за поголема енергетска стабилност во регионот преку поблиска соработка и искористување на компаративните предности на секоја земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.