Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утре во Париз официјално ќе се сретне со претседателот на Франција, Емануел Макрон, во посета најавена како од големо значење за Србија. Меѓу темите се зајакнувањето на билатералната соработка, Косово, Сребреница, нуклеарната енергија, купување 12 борбени авиони Рафал, Експо2027, јави дописникот на МИА од Белград.

Ќе побарам од претседателот Макрон да земе предвид се што разговаравме, но и да ги земе предвид меѓународните норми на јавното право, особено обврската за формирање Заедница на српски општини. Знам дека Франција ја поддржува независноста на Косово, но на мене останува да прашам, рече Вучиќ.

Една од темите ќе биде изградба на големи и мали нуклеарни централи.

Франција е најголемата европска нуклеарна енергетска сила. 70 отсто од електричната енергија ја добива од нуклеарна енергија. Сакам да знаете дека до 2050 година ќе трошиме четири пати повеќе електрична енергија отколку денес. Што и да правиме, немаме шанси ако не почнеме брзо да го решаваме тој проблем. А тој проблем е можно само со изградба на големи и мали нуклеарни централи, изјави Вучиќ.

Покрај дискусијата за нуклеарната енергија, Вучиќ најави дека во Франција ќе се разговара за наменската индустрија, купувањето на 12 нови француски воени авиони „Рафал“ и друга опрема.

Вучиќ изјави дека во Франција ќе се разговара и за ИТ секторот, развојот на вештачката интелигенција, гејминг индустријата, производството на автомобили и батерии, иновациите, стартапите и изградбата и управувањето со пречистителни станици за отпадни води.

Тој додаде дека една од темите ќе биде воведувањето на летечки такси за Србија до почетокот на „Експо 2027“.

Францускиот весник „Фигаро“ во текст под наслов „Макрон во понеделник ќе го прими српскиот претседател во Елисејската палата“, пишува дека Макрон и Вучиќ в понеделник во Елисејската палата ќе разговараат за интеграцијата на Србија во ЕУ и односите меѓу Белград и Приштина.

Осврнувајќи се на изјавата на Елисејската палата, „Фигаро“ наведува дека во оваа прилика Макрон „ќе ја потврди својата посветеност и целосна поддршка за европската интеграција на Србија“ и „дека нормализацијата на односите со Косово е составен дел од процесот на пристапување во ЕУ“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.