Корона вирусот забрзано се шири во Србија, бројот на нови случаи на дневна основа е над 9.000, а Ковид амбулантите повторно се преполни. Епидемиолозите предупредуваат дека во наредните денови може да се очекуваат голем број нови случаи.

Според сајтот на српското министерство за здравство, во последните 24 часа во Србија се регистрирани 9.122 пациенти позитивни на корона вирусот, што преставува најголем број на досега евидентирани заразени на дневно ниво од почеток на пандемијата.

Починати се 19 лица. Тестирани се вкупно 27.290 граѓани. На респиратори има 79 пациенти, а хоспитализирани се 2.199 пациенти.

Во Србија вчера беа регистрирани 7.488 лица позитивни на корона вирусот, а починале 25 лица.

Фактот дека во вторникот во Србија се регистрирани 5.224 лица позитивни на корона вирус е најдобар показател за брзиот раст на бројот на заболени.

Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ денеска донесе измени на мерките поврзани со скратување на времетраењето на домашниот карантин за блиски контакти со ковид позитивни лица од 14 на 10 дена, како и измени на критериумите за ослободување од карантин по близок контакт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.