Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон ја предупреди Црна Гора дека пристапните преговори со ЕУ може да бидат прекинати доколку пропадне шестиот обид за избор на судии во Уставниот суд.

Фајон по средбата со претседателката на црногорскиот парламент Данијела Ѓуровиќ истакна дека станува збор за „сериозна закана“.

На политичарите им останува да се ракуваат и да го направат она за што се договоривме, рече Фајон.

На крајот на декември, заедно со шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг, Фајон беше назначена за специјален пратеник на ЕУ за Црна Гора.

Таа ненајавена престојуваше во Подгорица, каде течат последните подготовки за избор на судии на Уставниот суд, за кои пратениците ќе гласаат на крајот на јануари или почетокот на февруари.

Фајон претходно се сретна и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, и со премиерот Дритан Абазовиќ, а на крајот од посетата изрази надеж дека ќе има позитивни вести пред 23 јануари, кога треба да поднесе извештај до Брисел.

Имам добро чувство по разговорот, се надевам дека сите политичари се свесни колку е важен Уставниот суд, сакам Црна Гора да се приклучи на групата која напредува кон ЕУ, а не на групата за која разговараме како проблем во ЕУ, изјави Фајон.

Црна Гора со месеци е во длабока политичка и институционална криза. Владата на Дритан Абазовиќ е во технички мандат од август, а Уставниот суд на таа земја не функционира од септември бидејќи има само тројца од вкупно седум судии и не може да носи одлуки.

Пратениците во црногорскиот парламент се обидоа пет пати да изберат нови судии, но ниту еден од кандидатите не го доби потребното двотретинско мнозинство од 81 глас во парламентот.

Изборот на судии на Уставниот суд е услов и за одржување на најавените вонредни парламентарни и редовните претседателски избори, бидејќи токму оваа институција ги решава сите изборни жалби по изборниот процес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.