Владата на Словенија одлучи да ги врати парите на граѓаните и да ги укине казните изречени за прекршување на правилата за време на локдаунот поради коронавирусот.
Еден од примерите и симболите на суровиот начин на кој властите воведоа рестрикции за коронавирусот е доставувач од Љубљана кој е казнет со 400 евра. Во работното време седнал на скалите пред црквата да се одмори и да јаде бурек. Тогаш полицијата му пришла и го казнила затоа што ја извадил маската. Сега тој доставувач ќе си ги врати парите и ќе биде исчистено неговото полициско досие.
Истото важи и за повеќе од 60.000 други Словенци кои ги прекршиле мерките против Ковид.
Полицијата изрече казни во висина од речиси 6 милиони евра во период подолг од две години. Но, од оваа недела стапува на сила законот за враќање на тие пари.
Повратот на парите беше едно од ветувањата на премиерот Роберт Голоб пред неговото централно-левичарско Движење за слобода да биде избрано минатата година. Претходната десничарска администрација, предводена од поранешниот премиер Јанез Јанша, воведе строги ограничувања на слободата на движење и собирање.
На различни места, на Словенците не им беше дозволено да патуваат надвор од нивните локални области, а беше воведен и ноќен полициски час.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.