Грчките опозициски партии СИРИЗА и ПАСОК – Движење на промена реагираат за изјавата на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис дека оклопните возила Мардер кои земјата ги доби од Германија во замена за старите ΒΜΡ-1 што ги испрати во Украина, ќе се упатат на Еврос, а не на островите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА велат дека оклопните возила BMP-1 се повлекуваат од островите без замена, а „Мицотакис изјавува дека е многу пооптимист“, додека пак од ПАСОК коментираат дека со повлекувањето на старите тенкови од островите во источниот дел на Егејското море се создава празнина, која може да се пополни „само со поставување на оклопни возила со еднаква или подобра огнена моќ од BMP-1“.

Одговорниот за одбрана во ПАСОК – Движење на промена, Василис Кекероглу и секретарот за одбрана во партијата Томас Хаѕитанасиу во соопштението се прашуваат „што се сменило од изјавата на Владата од пред неколку месеци дека отстранувањето на BMP-1 од островите во источниот дел на Егејско Море ќе се случи само по нивна итна замена со ново стекнатите германски Мардер“.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на вчерашната прес конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц откри дека тенковите Мардер ќе ќе одат на Еврос, „бидејќи армијата смета дека таму ќе бидат покорисни“.

На крајот на мај, Мицотакис и Шолц, се договорија Грција да ги испрати во Украина старите оклопни борбени возила ΒΜΡ-1 со германско потекло и истите да бидат заменети со 40 тенкови Мардер што Берлин ќе ѝ ги отстапи на Атина, а првите оклопи возила веќе пристигнаа во Грција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.