Силно невреме денеска го погоди северниот дел на италијанската провинција Ломбардија. Според локалните медиуми, паѓал град со големина на тениски топчиња, а мало торнадо е снимено на североистокот на Милано.

Силниот ветер собори дрвја, град оштети автомобили и покриви, а патиштата беа поплавени. На два покрива избувнал пожар откако биле погодени од гром. Засега нема информации за жртви.

Од Италија бурата се пресели во Словенија. Црвено предупредување е издадено за западна и централна Словенија во периодот од 14 до 18 часот. На западот на Словенија од 13 до 17 часот е во сила црвена тревога, а во централниот дел од Словенија од 13 до 18 часот.

Можно е силно невреме со град, силен ветер и удари од гром, јавува РТВ Словенија.

Посериозно невреме се очекува денеска и утре и во Хрватска. Црвен аларм е прогласен за Истра, Кварнер, Горски Котар и Карлови Вари. Портокалово предупредување е во сила во остатокот од земјата поради можни грмотевици.

Преземете мерки за самозаштита и постапете според советите дадени од надлежните органи. Веројатни се широко распространети и силни бури со молњи опасни по живот, град, поројни поплави и бурен ветер. Треба да се очекуваат прекини во сообраќајот и прекини во снабдувањето со енергија. Можен е значителен прекин на вообичаените сообраќајни правци. Избегнувајте патувања кои не се исклучително важни, предупредува хрватскиот ДХМЗ. Според метео прогнозата и утре ќе има слични временски услови.

Се очекува невремето, од Хрватска да прејде во Србија во доцните попладневни и вечерни часови. Во Србија се очекуваат временски непогоди, а Републичкиот хидрометеоролошки завод издаде предупредување: Се очекуваат силни грмежи со повремен град, краткотрајни налети на ветер и на места урагански ветар.

Силни грмежи се очекуваат денеска и утре попладне и навечер на подрачјето од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до регионот на Карпатите, предупредуваат тамошните метеоролози



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.