Секретарката на пратеничката група на грчката опозициска партија СИРИЗА и поранешна министерка Олга Геровасили пријави хакерски напад како на нејзините пратенички банкарски сметки од кои ѝ биле одземени пари, така и на нејзините профили на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.

Геровасили во писмената изјава посочи дека „во продолжение на скандалот со прислушувањето од страна на центарот за следење Националната разузнавачка служба – Предатор“, на чиј мета, како што вели,била и таа лично, а за што веќе има преземено правни дејствија, сега била жртва на електронски напад.

Моите пратенички банкарски сметки веќе се хакирани и одземени се пари, а исто така хакирани се и моите социјални мрежи. Веќе ги презедов потребните дејствија пред надлежните органи за откривање на виновниците, рече Геровасили.

Од Министерството за заштита на граѓаните на Грција соопштија дека надлежниот министер Такис ​​Теодорикакос имал телефонски разговор со пратеничката на СИРИЗА, а во политичката канцеларија на Геровасили бил испратен тим од секторот за борба со електронски криминал за целосно расветлување на случајот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.