Од почетокот на годинава во Србија се регистрирани 157 случаи на голема кашлица, од кои само во Белград имало 72 заболени. Колку состојбата е алармантна најдобро говори податокот дека во текот на минатата година во Србија се регистрирани само пет заболени од оваа болест, јави дописникот на МИА од Белград.

Единствениот виновник за враќањето на заборавените заразни болести се сè помалку вакцинирани деца. Лекарите објаснуваат дека само со имунизација на повеќе од 95 отсто од планираното население се обезбедува добар колективен имунитет, така што тогаш патогенот нема простор да се шири, се наведува во анализата на Еуроњус Србија.

Според податоците на Институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“, опфатот на децата со примарна вакцинација (се подразбираат три дози од вакцината), која содржи компонента против голема кашлица, во 2022 година во Србија изнесува 91,9 отсто.

Покриеноста со првата ревакцинација во втората година од животот е 80,6 отсто, додека опфатот со втора ревакцинација пред уписот во прво одделение во основно училиште е 91,3 отсто. За да се обезбеди не само индивидуална, туку и колективна заштита, неопходно е да се достигне 95 отсто покриеност со имунизација на планираното население, изјавија од Батут за Eуроњус Србија.

Педијатрите велат дека најранливи се децата кои имаат поврзани болести и не можеле да ја примат вакцината која штити од голема кашлица, како и новороденчињата. Во Клиниката за детски болести во Нови Сад, во последните неколку месеци се лекувале три бебиња до два месеци, заболени од оваа заразна болест.

Голема кашлица или пертусис е заразна болест предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis. Првите симптоми на болеста се појавуваат седум до десет дена по контакт со заразено лице.

Епидемиологот д-р Ивана Беговиќ Лазаревиќ од Градскиот завод за јавно здравје кажа дека најчеста компликација на големата кашлица е пневмонијата и дека таа е најчеста причина за смрт кај заболените доенчиња.

-Невролошки компликации може да се појават и како резултат на намален доток на кислород во мозокот, како што се конвулзии и енцефалопатија. Други поблаги компликации се воспаление на средното уво, анорексија, дехидрација, а може да се појават и крварење од носот, хернии и пневмоторакс, кажа Беговиќ Лазаревиќ.

Законот за заштита на населението од заразни болести во Србија е јасен и предвидува доколку детето не се вакцинира, казна за родителите од 30.000 до 150.000 динари. Одложување на вакцинацијата е можно само доколку за тоа постојат медицински причини утврдени од лекар специјалист.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.