Во претходниот месец беа сослушани пет членови на семејството и лица кои имале или требало да имаат близок контакт со 13-годишникот кој во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби девет врсници и училишен чувар, и тешко рани уште шест лица.

По таткото, мајката, дадилката, како и психологот и педагогот од училиштето, наскоро би требало да се разговара со, можеби, клучниот сведок кој би можел да даде некои битни информации со кои можеби ќе се дознае мотивот на грозоморното злосторство или дали имало некакви индиции дека се подготвува такво нешто, пишува „Блиц“, додавајќи дека наскоро полицијата ќе разговара со 10-годишна сестра на Коста Кецмановиќ.

Врз основа на сите претходни изјави, пред сè на мајката и на дадилката, јасно е дека сестрата би можела да открие дали и каква промена имало во однесувањето на најмладиот масовен убиец во светот, како и можната причина поради која решил да го изврши грозоморното злосторство. Исто така, надлежните очекуваат дека можеби ќе им открие дали тој се скарал со некого, дали некому му се заканувал или дали некој него му се заканувал, дали имал симпатија или невозвратена љубов, па дури и дали во домот некогаш видела оружје и молотови коктели.

Денот пред масакрот го поминале заедно

Според сведочењето на мајката, сестрата речиси цел ден пред масакрот го поминала кај баба им и дедо им заедно со својот брат, а дома се вратиле доцан вечерта.

Десетгодишното девојче делело соба со три години постариот брат, оделе во исто училиште, дадилката заедно ги чувала кога родителите често биле отсутни поради деловни обврски, што значи дека го поминувала поголемиот дел од времето со него.

Но, со оглед на тоа дека се работи за 10-годишно дете, кое по сè што се случи доживеа голем шок и кое во еден момент остана без семејство (нејзиниот брат е на психијатриски прегледи, татко ѝ е во затвор, мајката под истрага), но и другарите од училиште, бидејќи од безбедносни причини ќе мора да биде преместена од „Рибникар“, засега овој разговор е одложуван.

Сослушувањето деца и не е така невообичаено, а последен случај кој предизвика големо внимание во јавноста е разговорот со малата Јана Марјановиќ, ќерката на Зоран Марјановиќ, кој е осуден на 40 години затвор за убиството на сопругата Јелена. Таа денеска има 12 години, а во Обвинителството беше на распит кога имаше седум години.

Сослушувањето е можно да помине без присуство на родителите

Како всушност изгледа сослушувањето на 10-годишно девојче, објаснува за „Блиц“ адвокатот Денис Беќириќ.

Детето се испитува во присуство на психолог, во случајов може да се случи родителот да не биде присутен, туку да има лице од Центарот за социјална работа. Стручниот тим од психолози во комисијата треба да утврди дали детето е способно да сведочи, објаснува Беќириќ.

Правно гледано, детето може да открие нови детали.

Живееше со него во куќата, може да раскаже некои нови моменти, што зборувал, како го доживувала, вели Беќириќ.

Колку ќе се вреднува сведочењето на девојчето зависи од начинот и условите под кои е земено. Како што објаснува адвокатката Наталија Ракиќ, за да се земе предвид изјавата, мора да се прилагодат условите, а ќе се води сметка и за зрелоста на детето, како и за односот што го имала со нејзиниот брат.

Според кривичниот закон таа спаѓа во категоријата дете, Конвенциите ја обезбедуваат сета заштита на децата, мора да се води сметка за возраста, полот, психолошкиот статус на детето, како и фактот дека нејзиниот брат е сторителот на кривичното дело. Детето не смее да се чувствува загрозено, ниту пак да чувствува вина. Со оглед на тоа што таткото на момчето е во притвор, а против мајката е поведена и прелиминарна истрага за да се утврди дали имало запуштање и злоупотреба на детето, постои можност девојчето да биде сослушано без нејзините родители, објаснува таа.

Но, како што вели адвокатот Ракиќ, мајката треба да биде присутна доколку надлежните проценат дека е во ред, бидејќи според законот, на распитот треба да присуствува и едниот родител. Доколку со вештачење се утврди дека детето е подготвено да даде изјава, неговите зборови ќе бидат вреднувани и во идната работа на случајот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.