Во Белград и во уште неколку градови во Србија синоќа се одржа осумнаесетиот протест „Србија против насилството“ со протестна прошетка и блокада на централните белгадски улици од Владата до ТВ Пинк, јави дописникот на МИА од Белград.

Оваа рута е избрана затоа што на телевизија Пинк повторно е актуелно едно од барањата на протестот – укинување на реалните шоуа.

Водителот на протестот Смиљан Бањац на почетокот рече дека телевизија Пинк не ја променила уредувачката политика, туку дека започнала ново реално шоу кое, како што наведе, ја навредува интелигенцијата и достоинството на човекот. Тој повика на таа телевизија и на Хепи да им „спречи злоупотреба на националната фреквенција“.

Претходно, на прес-конференција во српското Собрание, шефот на Зелено-левиот пратеничкиот клуб, Радомир Лазовиќ, рече дека прошетката до ТВ Пинк е затоа што таа телевизија „не ја променила уредувачката политика полна со насилство и омраза, туку започна и со нов реалити програма“.

Исто така, оваа недела претставници на опозицијата, која ги организира протестите „Србија против насилството“, на прес-конференција најавија дека ќе бараат итни парламентарни избори и за градот Белград. Тие потоа почнаа да ја блокираат работата на собранието.

Говорејќи за барањето за распишување избори, претседателот на Србија Александар Вучиќ, вчера изјави дека за тоа разговарал со претставниците на владејачките политички партии и дека постои волја да се исполнат барањата на опозицијата. Сега, како што наведе, остануваат уште технички детали како и во кој момент тоа да се спроведе.

Претседателот на ДС Зоран Лутовац на ова изјава на Вучиќ за Н1 изјави дека ако Александар Вучиќ мисли дека е подготвен за избори како што беа досега – тоа не се избори.

Сакаме слободни избори. Што се однесува до консултациите на опозицијата, немаме за што да се консултираме – побаравме слободни и фер парламентарни и белградски избори, кои ќе бидат одвоени, рече тој.

Лутовац рече и дека „ако мислат да распишат избори како што беа досега, ќе имаат кампања на улица“.

Барањата на протестите Србија против насилството се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот код, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се ТВ Пинк и Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција БИА Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.