Утрово во реката Бојана продолжи потрагата по Алма А., која се претпоставува дека се фрлила во реката со нејзините 3 деца, откако телото на една од нејзините две ќерки го пронашол рибар пред два дена.

Според албанските медиуми, засега нема траги од Алма и другите две деца.

Се очекува во потрагата да се вклучи и армијата откако Дирекцијата за цивилна заштита во Скадар официјално побарала армијата да ѝ помогне во потрагата по телата на мајката, шестгодишно девојче и четиригодишно момче.

Да потсетиме, постои сомневање дека Алма со трите деца се фрлила во реката Бојана за да избега од насилниот сопруг.

Но, сега кружат информации дека нејзиниот сопруг Ергис А.(31) нашол друга жена и се обидувал да ја избрка од дома, поради што решила да се самоубие.

Алма исчезнала со децата на 2 мај, а Ергис ја пријавил за исчезната на 3 мај.

Телото на најстарото девојче било пронајдено во саботата вечерта. Рибарот Сафет Х. кој го извлекол телото од реката уште е во шок.

„Ловев риба и видов нешто длабоко околу еден метар. Не бев сигурен што е тоа, дали е кукла или маж. Ја вклучив батериската ламба на телефонот и гледав десетина минути, а потоа се јавив на полиција“ – изјави тој за медиумите во Албанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.