По повод одбележувањето на 77-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, денеска во Ниш се одржи свечено откривање на споменик подигнат на местото на „Инцидентот во Ниш“ – нападот на амерканската авијација на Шестиот гардиски стрелачки корпус на Црвената Армија на 7 ноември 1944 година, соопшти руската амбасада во Белград.

Споменикот е поставен на иницијатива на Рускиот центар за наука и култура „Руски дом“ во Белград и Амбасадата на Руската Федерација во Република Србија, со поддршка на градот Ниш и Здружението на Српско-руското пријателство и руските сонародници „Наисус“, се наведува во соопштението.

На свеченоста присуствуваа преставници од руската амбасада во Белград, а преставник на Владата на Србија беше министерот за внатрешни работи Александар Вулин.

„Инцидентот во Ниш“ е име на вооружениот конфликт во Втората светска војна, меѓу сојузничките сили, Црвената армија и американската авијација. Овој инцидент се случи на 7 ноември 1944 година, непосредно по ослободувањето на Ниш, во кој беа сместени силите на Црвената армија.

Авијацијата на САД нападна конвој возила на Црвената армија што се движеше на патот Ниш-Алексинац, при што имаше неколку десетици мртви и ранети. Набрзо следела воздушна битка и биле соборени три американски и три советски авиони. Официјалната верзија на американските воени власти е дека дошло до грешка и до пријателски оган.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.