Србија го ризикува безвизниот режим со ЕУ доколку не го намали приливот на мигранти од трети земји кои патуваат без визи на нејзината територија, а потоа кон ЕУ, тврдат европски дипломатски извори пред состанокот на министрите за внатрешни работи во Луксембург, објави РТС.
Министрите за внатрешни работи денеска ќе разговараат за мерките за одговор на значителното зголемување на приливот на мигранти кои влегуваат во земјите на ЕУ преку Западен Балкан.
Очекувам Србија и другите во регионот да соработуваат и да се усогласат со визната политика на ЕУ. Иницирањето на суспензија на безвизниот режим не е исклучено како опција, но се надевам пред се на добра соработка – изјави во Луксембург еврокомесарката за внатрешна Работи Јилва Јохансон.
Приливот на мигранти во 2022 година е повеќекратно зголемен во однос на минатата година, а како посебен проблем земјите-членки го истакнуваат безвизниот режим што Србија го има со некои земји од Азија, Африка и Јужна Америка, чии граѓани слободно патуваат во Србија и потоа во земјите на ЕУ.
Дипломатски извори наведуваат дека сличен проблем постои и со визната политика на Албанија.
Трендовите се загрижувачки. Ќе треба да го решиме проблемот со зајакнување на надворешните граници и дополнително вклучување на агенцијата Фронтекс. Ќе контактираме со сите партнери од Западен Балкан за да обезбедиме усогласување на визните политики – порача комесарката за внатрешни работи.
Јохансон најави серија состаноци со претставници на земјите од Западен Балкан во наредните недели во Берлин, Прага и Тирана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.