Албанскиот премиер, Еди Рама, оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти, кој се согласил да го потпише договорот со Србија, во кој е вклучен и европскиот нацрт за Заедницата на српски општини, направил задоцнет, но потребен чекор.

Според него, со прифаќањето на нацртот, Курти покажал дека станува премиер.

– Албин направи задоцнет, но потребен чекор. Но, поважно од доцнењето е фактот што го направи вистинскиот чекор. Му честитав од првиот момент. Важно е Косово да биде активно, да биде тој што го унапредува процесот кон финалниот договор, затоа што тоа е голема придобивка од овој договор. Прашањето е по која цена. Прашањето е зошто да се преземе цена за нешто што прво е во ваши раце, рече Рама за Репорт ТВ.

На прашањето зошто дури сега Курти ретерира, Рама одговара дека не е негова работа да прави вакви анализи.

– Станувате премиер кога вистински ќе станете тоа, а не кога ќе ве изберат. Она што го направи Албин со прифаќањето на тој нацрт е знак дека Албин станува премиер, додал Рама.

Меѓу двајцата премиери владејат заладени односи откако Рама имаше многу критички став кон однесувањето на Курти во дијалогот со Србија и во однос на меѓународните претставници, обвинувајќи го дека ја ослабнал позицијата на Косово на меѓународната сцена.

Тие дури и фудбалскиот натпревар Албанија-Чешка, на 12 минатиот месец, во рамки на квалификациите за ЕУРО 24, на Националната арена “Ер Албанија” во Тирана, го следеа одвоено, Рама на првиот а Курти на вториот кат од трибините.

Запрашан од Репорт ТВ дали така ќе биде и на следниот натпревар меѓу Албанија и Молдавија, Рама со одговор” имам сопруга, имам синови, зошто ми се потребни други”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.