Ова е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последен. Вака бугарскиот претседател Румен Радев пред тамошните новинари ги коментирал амандманите за измените на македонскиот Устав кои вчера ги усвои нашата Влада.

Од исклучителна важност е исполнувањето на барањата во двата потпишани протоколи, кои се составен дел од преговарачката рамка за пристапување на РСМ во Европската Унија. Конечно се придвижи прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во РСМ, коментирал Радев, пренесува „БТА“.

Шефот на бугарската држава посочил дека само партијата „Има таков народ“ ја поддржала неговата идеја дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде задолжителен услов за нашата земја да ги започне преговорите за ЕУ.

Радев изразил загриженост поради тоа што бугарскиот парламент и влада не реагирале на резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг за поддршка на европскиот пат на РСМ, па како што вели, морал да испрати писмо до европските лидери во кое инсистирал на бугарскиот став.

Според него, власта треба да вложи напори за следните чекори – јазикот на омразата, медиумите, учебниците, натписите во музеите, рехабилитацијата на репресираните итн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.