Украинските власти одбија да преговараат со Русија минатата пролет, и покрај подготвеноста на Москва да разговара за условите на мировниот договор, па сега мировниот процес целосно зависи од Киев, изјави претседателот Владимир Путин на вчерашната средба со африканските лидери.
„По повлекувањето на нашите војници од околината на Киев – што од нас беше побарано за да се создадат услови за склучување конечен договор – властите во Киев се откажаа од сите претходни договори. Затоа верувам дека топката е целосно на нивен терен“, изјави рускиот претседател.
Путин стави до знаење дека нема да ги открие условите од договорот кон кој се движат страните. Во исто време, тој рече дека неутралниот статус на Украина е од фундаментално значење за Русија.
Москва внимателно ги проучи предлозите за постигнување мир во Украина од африканските земји, додаде Путин. Тој увери дека Русија го цени балансираниот пристап на африканските земји во изнаоѓањето решение за конфликтот и нивното одбивање да ја поддржат „антируската кампања“. Тој вети дека ќе ги сфати нивните идеи „многу сериозно и со големо внимание“.
„Ние од наша страна никогаш не сме ги отфрлиле преговорите, секогаш сме велеле дека сме подготвени да го продолжиме дијалогот“, рече Путин.
Москва и Киев не го објавија нацрт-мировниот договор за кој се разговараше минатата пролет. Како што пишуваат руските медиуми, документот предвидувал утврдување на постојан неутрален статус во Уставот на Украина со помош на земјите гаранти – Русија, САД, Франција, Велика Британија и Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.