Околу 40 илјади вработени во словенечките училишта, градинки и факултети в среда стапуваат во штрајк, откако владата не одговори на најавените кон средината на февруари барања за порамнување на платите, потврди денеска Бранимир Штрукељ, генералниот секретар на Синдикатот за образование, наука и култура на Словенија.

Штрукељ, на прес-конференција денеска, кажа дека генералниот штрајк, за што гласале над 90 проценти од вработените, ќе биде во градинките, школите и факултетите.

Од над 700 образовани установи, каде вработените се изјасниле за штрајк, само во стотина од нив немало мнозинска одлука за таквиот чекор, а против штрајк биле само три.

Синдикатот најавува дека штрајкот ќе трае се додека владата и вработените во овој сектор не постигнат договор за барањата, поврзани со платите. Договорот треба да обезбеди валоризирање на работата на работниците во образованието за време на епидемијата на Ковид-19, да гарантира зголемување на платите во образованието за шест степени, како што претходно владата им обезбеди на лекарите во рамките на единствениот систем на плати на државните службеници.

Штрукељ рече дека Министерството за образование ги игнорирало сите барања на синдикатот и испратил циркулар до училиштата минатата недела со кој се утврдува минимум работен процес во градинките и училиштата. Според него, со тоа незаконски се ограничува правото на штрајк на просветните работници, што е загарантирано со Устав, што е разлика во однос на вработените, на пример во полицијата, војската или здравство, каде што има ограничувања за време на штрајкот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.