Пропадна и вториот обид за формирање влада на Бугарија. Академик Николај Денков, кандидат за премиер на Бугарија предложен од Продолжуваме со промените ја врати папката со неисполнетиот мандат на претседателот Румен Радев, јави бугарската новинска агенција БГНЕС.

Ја враќам папката со неисполнетиот мандат. За жал, оваа листа на национални цели со приоритети и задачи за нивно остварување не доби доволна политичка поддршка. Но, сигурен сум дека вредеше трудот. Допрва доаѓа дискусијата, дискусијата во рамките на која треба да се развива Бугарија во наредните месеци“, посочи Денков.

Претседателот Румен Радев рече дека при врачувањето на мандатот детално разговарале за пристапот и шансите за формирање влада.

Радев на 3 јануари го врачи вториот мандат за состав на влада на академик Николај Денков, кој беше кандидат за функцијата на втората по големина пратеничка група во 48. Народно собрание на Бугарија – Продолжуваме со промените.

И по четири месеци од парламентарните избори во Бугарија одржани на 2 октомври 2022 година, земјата сè уште не може да избере влада, откако народните избраници на 14 декември не ја одобрија кандидатурата за премиер на Николај Габровски од ГЕРБ-СДС, кој го доби првиот мандат за формирање влада.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.