Основниот суд во Урошевац денеска му одреди едномесечен притвор на А.К., осомничениот кој на 6 јануари кај Штрпце пукаше и повреди две српски момчиња.

Осомничениот, како што јавуваат медиумите во регионот, се товари за тешко убиство во обид, употреба на опасно орудие или алат и предизвикување општа опасност.

Во судското соопштение се нагласува дека тој намерно се обидел да им го одземе животот на повредените М.С. и С.С.

Неговиот адвокат Наим Ферати изјави дека неговиот клиент патувал за Брезовица, кога неговиот автомобил бил опколен од толпа луѓе кои славеле. Тој вели дека неговиот автомобил бил нападнат со тешко оружје, а во обид да го избегне нападот „пукал со пиштолот на земја и во воздух“.

„На повредените во овој случај им посакуваме брзо закрепнување и изразуваме жалење за ненамерниот настан и моментот во кој се случил. Во петокот, додека мојот клиент и пријател патуваа за Брезовица на ручек, на пат беа запрени од толпа граѓани кои се забавуваа на улица и кои го блокираа автомобилот на мојот клиент и на тој начин неочекувано го нападнаа “, рече адвокатот на А.К., Наим Ферати, пренесува „Коха диторе“.

„Фатен во овие околности, чувствувајќи се загрозен од сериозен напад од толпа луѓе, со намера да побегне оттаму, го извадил револверот и држејќи го во ниска положба и не вперувајќи го кон никој, го испукал првиот истрел на земја, а потоа и во воздух“, додаде тој.

Ферати рече дека кога дознал дека има повредени, го известил семејството, но и косовската полиција.

„Од ова е јасно дека мојот клиент немал намера да пука или повреди некој граѓанин, туку целиот настан бил разработен во самоодбрана“, вели тој.

Во судското соопштение се наведува дека судијата на претходната постапка на Одделот за тешки кривични дела оценил дека постои сомнение дека во село Штрпце А.К. намерно се обидел да им ги одземе животите на жртвите М.С. и С.С.

„Додека се движел со својот автомобил и кога пристигнал на влезот во селото, забележал неколку граѓани на крајот од патот и за да ги оддалечи, свирел со колата, не можејќи да оди понатаму, го запрел автомобилот. По вербална расправија на лице место извадил револвер и пукал двапати, удирајќи ги повредените, а поради тоа повредениот се здобил со физички повреди и најпрвин бил препратен во Здравствениот дом во Штрпце, а потоа во болницата во Грачаница“, се вели во соопштението на Судот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.