Претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, испратил писмо до премиерот на Албанија, Еди Рама, во кое „најостро го осудува инцидентот со вербален и физички напад врз европратеникот на ЕПП, Фреди Белери“, што се случи на 29 октомври за време на посетата на Тирана, на парламентарната комисија.
Инцидентот се случи при пристигнувањето на Белери пред албанскиот Парламент каде се одржуваше 18-тиот состанок на парламентарната Комисија за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија, кога меѓу 10 пратеници од Европскиот парламент беше и тој, како дел од делегацијата на Европскиот парламент.
Кон него едно лице фрлаше со јајца и јогурт и неколкуте насобрани граѓани извикуваа невредливи зборови, што според Вебер е „неуспех на државата да гарантира сигурност и бара преземање остри мерки“.
Во писмото Вебер наведува дека европратеникот, кој имал дипломатски статус на член на делегацијата на Европскиот парламент, бил вербално и физички нападнат од демонстрант пред албанскиот Парламент. Тој посочува дека не биле преземени мерки за да се спречи овој срамен напад кој се случи среде официјална мисија.
Овој инцидент е знак за очигледен недостиг на државна заштита, бидејќи овој напад, доколку од албанската држава биле преземени соодветни безбедносни мерки, можел да се спречи. Вербалниот и физичкиот напад на господинот Белери пред Парламентот на Албанија претставува неуспех на државата домаќин да ја гарантира безбедноста и интегритетот на избраниот претставник на граѓаните на Европската унија за време на официјална мисија. Овој инцидент е спротивен на меѓународните насоки за дипломатски односи кои бараат заштита на дипломатските претставници за време на нивните мисии, се наведува во писмото.
На крајот од писмото, Вебер го повикува премиерот Рама да се погрижи такви инциденти да не се повторат во иднина и да ги почитува меѓународните обврски на Албанија, како дел од процесот за членство во Европската унија.
Фреди Белери (52), кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, кој беше уапсен два дена пред изборите што се одржаа на 14 мај минатата година, доби двегодишна затворска казна, а на почетокот на септември доби условно ослободување од затвор.
Иако во притвор тој беше реизбран за градоначалник на јужното албанско приморско гратче Химара, не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори.
Тој во јуни годинава беше избран на конзервативната листа на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за европратеник во Парламентот на ЕУ, чија инаугуративна седница беше во средината на јули, на која присуствуваше со претходна дозвола на затворот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.