Анализата извршена во полицискиот форензички центар „Иван Вучетиќ“ во Загреб покажала дека во дронот кој паднал не се забележани траги од експлозив, дознава Дневник Нова ТВ од извори блиски до истрагата. Засега никој официјално не понуди дополнителни појаснувања.

Станува збор за беспилотното летало кое се урна во паркот Јарун во близина на Студентски дом Стјепан Радиќ.

Претседателот Зоран Милановиќ претходно побара јавно да се објави какви траги откриле истражителите од местото на несреќата.

Каде е наодот на Центарот за криминалистички вештачења „Иван Вучетиќ“? Со оглед на тоа дека за истрагата се зборува како јавно добро, кога веќе им ги покажуваме на луѓето остатоците од тој дрон, да видиме кои се вистинските форензички и хемиски наоди од примероците кои беа земени. Видовме дека некои луѓе, пред се министерот и премиерот, се пофалија со дијагнози, без практично да ја вклучат рендгенската снимка, рече Милановиќ.

Министерството за одбрана не се откажува од тврдењата дека леталото носела бомба и било опремено со експлозив.

Тоа го потврдуваат со приказна за разни фрагменти и докази до кои дошла воената полиција во истрагата. НАТО немал такви податоци, пишува Дневник.хр.

Индициите што досега ги имаме за падот на дронот во Хрватска покажуваат дека не се работи за вооружен дрон или вооружен напад, изјави пред неколку дена генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Истиот ден премиерот Андреј Пленковиќ го демантираше Столтенберг.

Не беше „невооружена“, туку беше вооружена, рече премиерот покажувајќи фотографии од истрагата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.