Црноморската флота на нацистичка Германија потопила долж Дунав стотици бродови во 1944 година кога се повлекувала пред Црвената армија, а тие бродови и ден денес го попречуваат речниот сообраќај при низок водостој.
Меѓутоа, годинешната суша, за која научниците тврдат дека е последица на глобалното загревање, разоткри повеќе од дваесет брода на еден потег на Дунав во близина на Прахово во источна Србија, од кои многу содржат тони муниција и експлозив и претставуваат опасност во пловењето.
„Германската флота зад себе оставила голема еколошка катастрофа која ни се заканува нам, на жителите на Прахово“, вели Велимир Трајиловиќ, пензионер од Прахово кој напишал книга за германските бродови. Работниците во локалната рибарска индустрија се исто така во опасност, вклучувајќи ги и оние во Романија, од другата страна на реката.
Месеците суша и рекордно високи температури се покажаа како пречка за речниот сообраќај на виталните артерии и во други делови на Европа, вклучувајќи ги Германија, Италија и Франција. Во Србија власти го копаат дното на реките за пловните патишта на Дунав да останат отворени.
Кај Прахово поради остатоците на некои бродови пловниот пат на Дунав е стеснет од 180 на само 100 метри. Расфрлени по речното корито, некои бродови сè уште имаат оклопни куполи, командни мостови, скршени јарболи и искривени трупови, додека други лежат закопани во песокот.
Во март српската влада распиша тендер за спас на бродовите и отстранување на муницијата и експлозивите. Трошокот на операцијата е проценет на 29 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.