Белградското обвинителство одреди притвор од 30 дена за осомничените В.Д. (46) и Р.М. (41), директор и менаџер на сплавот „Фристајлер“, додека на сопственикот Љ.М. (51) му е одредена мерка „забрана за приближување, средба и комуникација со одредено лице и посета на одредени места“.

Белградскиот сплав „Фристајлер“ до половина потона за време на новогодишната ноќ. Очевидци на драмата што се случила во популарниот клуб велат дека водата почнала да надоаѓа десет минути по полноќ, но дека на почетокот не разбрале што се случува. Кога сплавот се навалил, почнала паниката и стампедото кон излезот.

За среќа, во инцидентот немаше повредени и настрадани лица.

Извлекувањето на сплавот  е обврска на сопственикот на објектот, соопштиле од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија.

Инаку, неколку дена по делумното тонење, сплавот сè повеќе тоне и дополнително се навалува.

Порталот „Нова.рс“ објави дека тонењето на „Фристајлер“ за време на новогодишната забава не е прв случај во кој овој белградски сплав се споменува во медиумите во негативен контекст.

Сплавот се споменува во случаи на шверц на дрога, инциденти со оружје, повеќе случаи на физичко насилство, а во 2017 година бил и запален од страна на непознати лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.