Пожарот на Родос се уште е надвор од контрола и во текот на ноќта се шири кон централниот дел на островот. Досега се евакуирани околу 30.000 луѓе, главно туристи, но и локални жители, од Киотари на југ до Аплолини во средишниот дел, чии домови беа зафатени од пожар во текот на ноќта.

Од утрово 400 пожарникари со помош на авиони и хеликоптери се обидуваат да го локализираат пожарот. Стравуваат од денешниот ден и од најавените температури од 45 °C, поради што половина Грција е во т.н. црвен аларм.

Најголем дел од туристите со чамци биле префрлени на безбедно од плажите каде се собрале во текот на ноќта. Ноќта ја поминаа во спортски сали, училишта и хотели, но и во домовите на мештаните кои помагаа од срце. Обезбедени се душеци, храна и вода, но и облека за оние туристи кои во паника пред огнената стихија која ги затекна на плажите, останаа само во костими за капење. Има многу семејства со деца, бебиња, но според информациите од местото на настанот сите мирно и разумно ја прифаќаат драматичната ситуација во која се нашле на одмор. Драматично беше во текот на ноќта кога беше наредена евакуација во туристичкиот регион Линдос и кога стотици туристи ги напуштија хотелите во мрак, со куферите во колони и се движеа кон северниот дел на Родос.

Аеродромот на Родос засега работи и локалните власти се обидуваат во соработка со туристичките агенции да направат списоци на туристи кои останале без документи, а на оние кои имаат авионски билети да им овозможат да патуваат во татковината.

Немаше повредени, најлошото сценарио беше избегнато со оглед на фактот дека за краток временски период беа спасени илјадници луѓе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.