Девет лица се спасени откако едрилица со околу 68 мигранти потонала во морскиот дел југоисточно од грчкиот остров Евија, а во тек е спасувачка акција на грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова е втора несреќа со мигранти во Грција за помалку од 24 часа, откако вчера се преврти чамец со 12 лица во близина на островот Самос и беа спасени четворица мигранти.
Портпаролот на крајбрежната служба на Грција Никос Кокалас за грчката телевизија ЕРТ рече дека спасувачката акција кај Евија е во тек од рано утрово, се води под лоши временски услови поради силниот ветер, а веќе се спасени девет лица, кои се од Авганистан, Египет и Иран.
-Првичните информации се дека тргнале од Измир. Во едрилицата, според изјавите на спасените, имало околу 68 лица. Во овој момент не можат да ни ја кажат точната бројка, рече Кокалас.
Во однос на несреќата што вчера се случи во морскиот дел јужно од островот Самос, објасни дека и таму продолжува спасувачката акција што траеше и во текот на ноќта.
Во чамецот што се превртил спасени се четири лица, кои рекле дека биле вкупно 12, а се трага по осумтемина исчезнати.
Кокалас истакна дека кај Самос, акцијата се води под добри временски услови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.