Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави вечерва дека денеска во судирите во општина Звечан се повредени 52 Срби и 41 припадник на КФОР, а за тоа го обвини и премиерот на Косово Албин Курти. Тој во своето обраќање рече дека тројца Срби и тројца припадници на КФОР се тешко повредени, а четворица Срби се уапсени и дека се преговара за нивно ослободување.

„Нема да дозволиме погром на Србите. Средба со земјите од Квинтата е закажана за утре во 8 часот. Веројатно нема да одам во Братислава, ќе видам дали ќе одам задутре. Знаете како се чувствуваат Србите на Косово и Метохија и колку им е тешко. Ги повикувам Србите да не влегуваат во конфликт со НАТО, не затоа што се плашам, туку затоа што Курти тоа го сака. Ги повикувам Србите да протестираат мирно. Ако пука албанскиот окупатор нема да биде добро и тоа им го пренесов на сите. Ќе дадеме сè од себе за да го зачуваме мирот. Последен пат повторувам и барам меѓународната заедница да го вразуми Албин Курти, да не го вразумуваат со бесмислени најави, притоа давајќи му сè од визна либерализација до место во Советот на Европа… Ова што ви го велиме е апсолутна вистина и не е еднострана. Бараме земјите од Квинта да го вразумат нивното чедо, бидејќи тоа чедо може да предизвика такво чудо какво што никој не предизвикал. Србите и Србија само сакаат мир и ние не бараме ништо повеќе “.

Вучиќ рече и дека со месеци официјален Белград предупредува дека Курти има само една желба, а тоа, како што рече, е „да предизвика конфликти на Косово и Метохија и да доведе до крвопролевање во целиот регион“.

-Малкумина сакаа да ја слушнат вистината, малкумина сакаа да разберат што се случува на Косово, рече Вучиќ.

Вучиќ вечерва изјави дека војниците на КФОР не ги заштитиле Србите на северот на Косово и не го спречиле незаконското и насилно преземање на власта во општините со српско мнозинство, иако дале гаранции дека тоа ќе го сторат.

„Војниците на КФОР не ги заштитија Србите и не го спречија незаконското и насилно преземање на општините и насилството на кое беа изложени Србите, иако тие постојано даваа гаранции дека ќе го сторат тоа“, рече Вучиќ за време на своето обраќање на јавноста за ситуацијата во Косово.

Вучиќ рече дека КФОР со бодликава жица ги опколил зградите на локалните самоуправи во четири општини и додаде дека тоа требало да го направи во петокот и со тоа да ги спречи новоизбраните албански градоначалници да влезат во тие згради.

„Наместо тоа, ги пуштија лажните општински градоначалници да влезат во општинските згради за да ги заштитат од Србите, наместо да го прават спротивното. Обратно што требаше да го направат, ќе беше во согласност со изјавите, макар и декларативни, од Квинтата, ЕУ и САД, кои велат дека ова е погрешен и незаконски потег на (косовскиот премиер Албин) Курти да испраќа новоизбрани градоначалници во општинските згради“, рече Вучиќ, пренесе Бета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.