Поскапувањата на цените на струјата, бензинот и храната се главните теми што ги загрижуваат Грците додека пак разликата меѓу владејачката Нова демократија и опозициската СИРИЗА останува седум отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на агенцијата „Pulse“ за телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.                                                                      На прашањето колку денес ги засегаат граѓаните неколку конкретни и актуелни теми во земјата, на првите позиции, според одговорите на анкетираните, се цените на струјата, бензинот и храната со над 85 отсто, потоа следат криминалот, грчко- турските односи, мигрантското прашање, а на последно место е случајот со прислушувањата.

На политичката сцена, владејачката Нова демократија со рејтинг од 33 отсто е на прво место пред опозициската СИРИЗА која има 26 проценти, а потоа следат ПАСОК- Движење на промена, Комунистичката партија, Грчко решение и МЕРА25, додека пак актуелниот претседател на Владата Кирјакос Мицотакис и понатаму е во предност пред Алексис Ципрас во однос на тоа кој е посоодветен за премиер на земјата.

Во однос на тоа кога би требало да се одржат изборите, поделено е мислењето на анкетираните. Една третина (32 отсто) одговориле на крајот од четиригодишниот мандат (што истекува во јули 2023 година), исто толку рекле порано, а 24 проценти сметаат дека е најдобро изборите да бидат на пролет.

Истражувањето на „Pulse“ за телевизијата „Скај“ било спроведено од 19 до 22 ноември 2022 година со анкетирани 1.205 лица со право на глас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.