Поскапувањето на цените е најголемиот проблем за Грците, односно 44 од анкетираните во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“, го избрале како главен проблем во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Високите цени, заедно со економијата, невработеноста, надворешната политика/војната и политичкиот систем се меѓу главните проблеми за граѓаните во Грција, а над половина од анкетираните, односно 57 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока.

На политичката сцена, Нова демократија и во убедливо водство со 30,5 отсто, ПАСОК и на оваа анкета е втора политичка сила во Грција, со 12,2 проценти, СИРИЗА паѓа на третата позиција со 10,2 отсто, а со само еден процент помалку, зад неа е Комунистичката партија.

Во однос на тоа кој е најсоодветен за премиер, актуелниот претседател на Владата на Грција, Кирјакос Мицотакис добива 41 отсто, а 31 процент од анкетираните одговориле „никој“ од понудените лидери на политичките партии.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Metron Analysis“ за грчката телевизија „Мега“ било спроведено од 22 до 28 ноември со анкетирани 1.303 лица со право на глас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.