Потрагата по Матеј Периш, момчето од Сплит кој исчезна во Белград ноќта меѓу 30 и 31 декември се уште не дава резултати, иако денеска е осми ден од потрагата

Новинарот на ТВ Пинк, Младен Мијатовиќ изјави дека потрагата продолжила утрово во 7 часот, а Матеј се уште не е пронајден.

-Денеска се пребаруваше Дунав, од устието, низводно по левиот и десниот брег на Дунав, а и низ територијата на Стариот град, Палилула, Гроцка, се до Смедерево. Исто така се пребаруваше и долж крајбрежјето во кое е вклучена и полициската управа Панчево до границата на Смедерево. Матеј не е во реката, изјави Мијатовиќ.

Мијатовиќ рече дека, ако телото на човекот е во вода, тој ќе исплива после 15 дена, ако претходно не е закачено некаде.

Хрватските новинари велат дека, според ангажираните сили, очигледно е дека интензитетот на потрагата не се намалува, но условите се тешки, особено во водата, а крајбрежниот дел е непристапен.

-Излегоа многу работи, има работи што не се во ред, има некои погрешни снимки, но полицијата има свој пат и план и работи, како што гледам, по протокол кој е организиран и насочен кон целта. Многу работи се случуваат, не би дал детали што ги знам, но верувајте дека се неважни за јавноста, сето тоа се некои методи, рече таткото Ненад Периш.

Таткото е убеден дека тој и неговиот Матеј ќе се вратат во Сплит, како што повеќепати има кажано „сто проценти“- „Затоа сум тука, не заминувам од овде без него. Секој што има деца може да разбере што велам“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.