Не верувам дека до гласањето доверба на владата (среда, 22 јуни) ќе има собраниска дебата за Македонија. Страстите околу тоа се премногу вжештени и затоа не верувам дека до среда ќе има одлука за Македонија, изјави вечерва бгарскиот премиер Кирил Петков во интервју за БНТ.

Прашан дали Македонија има барем нешто направено, тој рече дека таа веќе сторила една остапка и од 5+1 сега имаме 4+1 без да бара реципрочен одговор од Бугарија.

Петкв исто така рече дека не го видел францускиот предлог, бидејќи тој утринава пристигнал од Брисел и веднаш бил испратен во Собранието.

Јас го немам видено предлогот на Франција, но од тоа што го знам е дека се штитат правата на Бугарите и РСМ до првата конференција треба да ги вметне во Уставот… Во секој случај, јас ништо нема да преземам без парламентот… Каква одлука тој ќе донесе, таков ќе биде и мојот став кон ова прашање наредната недела во Брисел“, изјави Петков во интервју за емисијата „Панорама“ на БНТ.

В четврток 23 јуни ќе се одржи состанокот на Советот за општи работи на ЕУ.

Опозициската националистичка партијата „Преродба“ веќе соопшти дека не ги прифаќа условите од францускиот предлог за Македонија, кој е испратен до бугарскиот парламент, и со кој се предвидува почеток на преговори за ЕУ ​​со Скопје, со загарантирани бугарски барања преку преговарачката рамка.

Заменик-претседателот на Комисијата за надворешна политика Ангел Георгиев кој е од оваа партија изјави дека „предлогот на Франција е апсолутно недозволив затоа што зборува за малцинства, зборува и за два различни народи и граѓани на други народи кои живеат во рамките на Македонија, а со кој документ во пракса се предвидува Бугарија да се согласи за постоење посебен македонски јазик – нешто тоа е апсолутна измислица“.

Во знак на несогласување, „Преродба“ во вторник во 17 часот ќе организира протест пред Народното собрание. За тој ден се планирани расправите за гласањето недоверба на кабинетот на Кирил Петков.

Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.

Францускиот предлог предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во преамбулата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.