Би било ужасно Албанија да го продолжи пристапниот процес за членство во Европската унија, а Македонија да остане надвор од него, оцени бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков.

Во интервју за БТВ, Петков вели дека од Македонија зависи дали ќе напредува на европскиот пат.

-Она што во моментов се случува во Македонија е дека ним им е многу тешко да ја прифатат таа позиција во моментов, но тие според мене, ќе сфатат дека ако Македонија сака да се развува, европскиот пат е единствениот пат за земјата. Ужасно би било Албанија да продолжи на европскиот пат, а Македонија да остане., вели Кирил Петков, премиер во оставка на Бугарија

Петков повтори дека „францускиот предлог“ е исклучително добар во контекст на бугарските позиции. Ја пофали бугарската дипломатија, на која, на скалата од еден до шест, и даде оценка пет и пол.

-Треба да дадам големо признание на Министерството за надворешни работи, дури и на министерката од „Има таков народ“, г-ѓа Генчовска и на голем дел од мојот тим, дека всушност создавањето на францускиот предлог беше добро и направи бугарската позиција да стане европска позиција.

Пораките на Петков следат два дена откако неговата партија, „Продолжуваме со промените“ не успеа да обезбеди поддршка од мнозинството во Парламентот за да предложи нова коалициска влада. Неговиот прв сопратиец, Асен Василев, кој се очекуваше да биде номиниран за иден бугарски премиер, го врати мандатот, кој сега треба да и биде доделен на партијата на Борисов. Доколку не успеат последователните обиди за формирање влада, претседателот ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори, што би биле четврти парламентарни избори во Бугарија од април минатата година. На последните анкети, партијата на Борисов има предност од еден процент пред партијата на Петков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.