Косовскиот премиер Албин Курти му порача на Специјалното обвинителство на Косово дека треба да биде поефикасно во гонењето на воените злосторници, критикувајќи дека судењето во отсуство е можно веќе пет години, но според него без резултати, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на својот Фејсбук напиша дека на Косово му требаат „мудри обвинители и ефикасни и учени судии кои ќе ги изведат пред лицето на правдата сите оние кои се одговорни за злосторствата извршени за време на војната“.

Се навршија пет години откако нашите правосудни институции имаат можност да ги гонат и судат воените злосторници дури и во нивно отсуство. Пет години државна политика која носи побрз пристап до правдата. Пет години од првите повици да се искористи државниот апарат на располагање за да се подигнат обвиненија против криминалците и нивните монструозни злосторства против нашиот народ. Пет години без резултати, пишува Курти.

Тој порача дека е „крајно време да се донесе правда за жртвите од војната“, нагласувајќи дека Владата го зголемила буџетот и дека Советот на обвинители мора „под итно да ги зголеми капацитетите за решавање на воените злосторства“.

Во нашите напори за правда за жртвите од војната 1998-1999 година, решавањето на злосторствата на Србија извршени на Косово мора да биде приоритет. Од сите масакри има сведоци и искази, кои Обвинителството би требало да ги претвори во доказни досиеја за обвиненија за воени злосторства… Некои од нивните имиња се јавно познати, а многу од нив се познати на преживеаните и членовите на семејствата на жртвите. Затоа, повторно го повикуваме вториот столб на власта во Косово, правосудниот систем, да дејствува, бидејќи крајно време е да се донесе правда за жртвите од војната. Владата го зголеми буџетот, затоа го повикуваме Советот на обвинители под итно да ги зголеми капацитетите за решавање на воените злосторства, напиша Курти.

Тој нагласи дека судењето и казнувањето на воените злосторници е должност и обврска.

За страдањата од минатото и надежта за иднината. За жртвата на оние што ги загубивме во војната и за генерациите што растат во слобода, напиша тој.

Ова не е првпат Курти да го критикува Специјалното обвинителство. Неколку пати досега го критикуваше обвинителството, но и главниот обвинител Блерим Исуфај. Тој упати критики и за справувањето со терористичкиот напад во Бањска од страна на ова обвинителство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.