Лидерите на партиите членки на бугарската владина коалиција вечерва одржуваат средба во Софија на која главна тема влезот на Македонија во Европската Унија, објави софиски „24 Часа“, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија и на претставници на дел од коалициските партнери.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера по средбата во Софија со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и колегите од Романија и Црна Гора, Николае Чука и Здравко Кривокапиќ, изјави дека Македонија има место во европското семејство и тоа мора да се случи што е можно поскоро.

Ние како Влада сме посветени да го постигнеме тоа, но има прашања кои треба да се разјаснат, вклучително и малцинските права – рече Петков на заедничката прес-конференција на четворицата премиери.

Петков додаде и дека Бугарија и Македонија постигнале голем напредок во односите во последните три месеци, вклучително и за историските прашања.

Комисијата за историја ме извести за некои важни историски личности и нивниот третман. Ќе ви дадам некои детали. Дојдовме до напредок по тие прашања, на многу конструктивен и реалистичен начин што ни отвора можност за забрзување на нашите преговори. Секако ќе ми треба прво да добијам јас и моите коалициски партнери целосен извештај од Комисијата, но штом добиеме извештај тоа ќе оди многу брзо – рече Петков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.