По наредба на црногорското Специјално обвинителство, утрово во Подгорица беше уапсен специјалниот државен обвинител Саша Чаѓеновиќ.

Во краткото соопштение од Специјалното обвинителство се вели дека Чаѓеновиќ е осомничен за „сторено кривично дело создавање злосторничка организација и повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба“ од средината на 2020 година до 2022 година.

Како што соопшти портпаролот на државното обвинителство Вукас Радоњиќ, тој е уапсен поради сомнение дека во периодот од средината на 2020 до 2022 година сторил кривично дело создавање злосторничка организација и други кривични дела злоупотреба на официјална позиција.

Специјалното државно обвинителство навремено ќе ја информира јавноста за своите понатамошни постапувања и за состојбата на постапката, а особено потенцирам дека државните органи, медиумите, здруженијата на граѓани, јавните личности и другите лица се должни да се придржуваат до пресумпцијата на невиност и со своите јавни изјави за постапката која е во тек да не ги нарушуваат другите правила на постапката и правата на лицето против кое се води постапката, истакна Радоњиќ.

Во соопштението не се прецизира за кои конкретни активности е обвинет Чаѓеновиќ.

Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ на црногорската јавност и е познат по судењето за „државен удар“ воден од 2017 година во Вишиот суд во Подгорица, кога меѓу обвинетите имаше руски и српски државјани и лидерите на прорускиот Демократски фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ.

Обвинението го поднесе Чаѓеновиќ заедно со тогашниот главен специјален обвинител Миливој Катниќ. Во 2019 година, Вишиот суд првостепено ги осуди обвинетите, но Апелациониот суд подоцна ја укина таа пресуда и го врати судењето на почеток.

Обвинителот Чаѓеновиќ и во повторената постапка продолжи да ја застапува тужбата против обвинетите во случајот „државен удар“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.