Претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти побараа денеска од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен веднаш да се укинат мерките на Европската унија против Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Барањето на Курти и Османи беше упатено на денешните одвоени средби што ги имаа со Фон дер Лајен, која престојува во Приштина во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Претседателката Османи на прес-конференцијата по средбата со Фон дер Лајен рече дека ЕУ треба да ги признае достигнувањата на Косово и да ги казни „сателитите и слугите на Русија“ во регионот, посочувајќи ја Србија како таква.
Османи истакна дека Косово дејствува со добрососедски пристап и дека Србија мора да сноси одговорност за терористичкиот акт во Бањска во северно Косово во септември минатата година.
„Жално е за безбедноста на регионот што во Западен Балкан една земја продолжува да биде најсилниот руски сателит во Европа, а тоа е Србија. Крајно време е решителноста што ЕУ ја покажа кон Русија да ја покаже и кон сателитите и слугите на Русија во нашиот регион“, рече Османи.
Таа порача дека е време ЕУ да ги отстрани мерките против Косово, додавајќи дека тие го оштетиле и процесот на дијалог.
„Денес ни треба ЕУ да ги цени и препознае овие достигнувања. Крајно време е конечно да се отстранат неправедните мерки кон Косово. Освен што се неправедни, овие мерки им штетат на граѓаните и го оштетија процесот на дијалог, со што го прават целосно неурамнотежен, нерамноправен и недоверлив. Укинувањето на мерките е одраз на потребите на сите граѓани на Косово, но ќе биде и одговор на исполнувањето на предусловите што самата ЕУ ги постави на Косово“, рече Османи.
Косовскиот премиер Курти во објава на платформата „Х“ по средбата со Фон дер Лајен мерките на ЕУ ги нарече неправедни, притоа потенцирајќи ја важноста од добивањето кандидатски статус за Косово во ЕУ.
„Ние сме посветени на спроведување на овие реформи преку процес заснован на заслуги. Исто така, ја повторив важноста од поднесување на прашалникот за членство и побарав целосно и итно укинување на неправедните мерки на ЕУ. Во време кога автократиите ги оспоруваат универзалните слободи, Косово стои како сидро на основните вредности на ЕУ во Западен Балкан“, напиша Курти.
Фон дер Лајен, на прес-конференција по средбата со Османи, порача дека на Косово сè уште му треба работа за укинување на мерките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.